Состанок на в.д. ЗГР за ИПА, д-р Иван Игњатов и претставници од Делегацијата на ЕУ во Скопје

На ден 23.08.2024 година во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија-Скопје, се одржа работна средба помеѓу д-р Иван Игњатов, в.д. Заменик Главен ревизор за ИПА, и претставници од Делегацијата на ЕУ во Скопје, Штефан Худолин, Раководител за соработка и Сергеј Михајлов, менаџер на ЕУ проекти и програми.

Целта на оваа работна средба беше зајакнување на професионалната соработка помеѓу Ревизорското тело за ИПА и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

На средбата од страна на претставниците на Делегацијата на ЕУ беше искажано задоволство од назначувањето на искусни ревизори со долгогодишно искуство во областа на ревизијата на ИПА и со потврдени контакти со Европската Комисија, како ново раководство во Ревизорското тело за ИПА. За време на состанокот, посебен акцент се стави на потребата од забрзување на постапката за законски предвидениот јавен оглас за именување на Главен ревизор  и Заменик Главен ревизор на Ревизорското тело. Од страна на г-дин Игњатов, беше потенцирано дека новото раководство е целосно посветено кон особено важните прашања за Ревизорското тело како што се зајакнување на капацитетите на Ревизорското тело, континуирано обучување на ревизорите согласно меѓународните ревизорски стандарди и добри практики, спроведување на политиката за мотивација и задржување на стручниот и искусен кадар,  зајакнување на соработката со Делегацијата на ЕУ во Скопје, Генералните Директорати при Европската Комисија во Брисел, Европскиот суд на ревизори, Европската Канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), како и со Државниот завод за ревизија – како национална врховна ревизорска институција.

Во периодот 23-24.10.2024, д-р Иван Игњатов, в.д. Заменик Главен ревизор за ИПА, учествуваше на работни средби и состаноци во рамките на иницијативите за продлабочување на соработката помеѓу Врховните ревизорски институции на Малта и Република Северна Македонија.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски презентирајќи ја работата на ДЗР и постигнатите резултати се осврна на клучните утврдени состојби презентирани во Годишниот извештај за работата на ДЗР за 2023 година.
Главниот државен ревизор на Малта, г. Чарлс Дегуара, придружуван од Заменкиот Главен ревизор, г. Ноел Камилери и Помошникот на Главниот ревизор, г. Вилијам Пеплоу, го презентираа методолошкиот пристап и инструментите кои можат да помогнат во идентификувањето на ризиците при планирањето на ревизорските активности, како и значајноста на стратегиското управување со ризиците за постигнување на целите на ревизијата.
Со посебно внимание се дискутираа и потврдија заложбите за понатамошно зајакнување на институционална соработка помеѓу ревизорските институции на двете држави, преку организирање на заеднички обуки и размена на искуства за ревизорскиот пристап и методологијата за ревизија, со практична размена на експерти и можност студиски престој на вработените. 

https://dzr.mk/mk/241023-delegacija-na-vri-malta-vo-bilateralna-poseta-na-drzhavniot-zavod-za-revizija

Д-р Иван Игњатов, оствари посета на Европскиот суд за ревизија во Луксембург и состанок со Претседателот г-дин Тони Марфи

Заменикот Главен ревизор за ИПА, д-р Иван Игњатов, заедно со главниот Државен ревизор, м-р Максим Ацевски, придружуван од Заменикот Главен државен ревизор м-р Адеми и Помошникот Главен државен ревизор г-ѓа Јаневска, оствари работна посета на Европскиот суд на ревизори во Луксембург и состанок со Претседателот на Европскипт суд на ревизори, г-дин Тони Марфи. 

За време на посетата се разменија искуства во областа на ревизијата на ЕУ фондовите, предизвиците за ревизија на новиот план за раст на Западен Балкан, како и предизвиците за ревизија на ИПА 3 програмите.  На состанокот со Претседателот Марфи, посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на институционалната соработка преку можноста за стажирање и присуство на обуки во Европскиот суд на ревизори, како и организирање на обуки во Република Северна Македонија од страна на експерти од Европскиот суд на ревизори.