Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош

За нас

Добредојдовте

Добредојдовте на официјалната страница на Ревизорското тело за ревизија на претпристапната помош на Европската Унија во Република Северна Македонија. Целта на оваа страница е запознавање на јавноста со податоци и информации за Ревизорското тело. Правната рамка за ревизија на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и работењето на Ревизорското тело произлегува од Регулативата број 1085/2006 на Советот на Европската унија.

Целта на ревизиите кои ги врши Ревизорското тело е да добие разумно уверување и да даде мислење за ефективното и стабилното функционирање на системот за управување и контрола со ИПА, како и за веродостојност на сметките и изјавите на трошоци за средствата користени од претпристапната помош на Европската Унија во Република Северна Македонија. За унапредување на работењето даваме препораки и го следиме спроведувањето и усогласеноста на известувањата за спроведување на програмите на ИПА со прописите на Европската Унија.

Со Законот за ревизија на ИПА се формира Ревизорско тело како самостојно и независно правно лице, функционално независно од сите учесници во системите за управување и контрола со инструментот за претпристапна помош. Со законот, се уредуваат предметот на ревизија, организацијата и надлежностите на Ревизорското тело и начинот на вршење на ревизија на ИПА во Република Северна Македонија при децентрализирано управување со и без ex-ante контрола од страна на Европската Kомисија.

Значи нашиот делокруг на работа е доста опширен и е од големо значење за целокупното спроведување на програмите на ИПА. Согласно со тоа, многу е важна нашата соработка со сите тела кои го сочинуваат системот за децентрализирано управување и контрола со ИПА, од националните до европските институции и крајните корисници на средства.

Се надеваме дека информациите кои ќе ги најдете на нашата страница ќе ви овозможат да се запознаете со нас и со нашите надлежности, со тоа што значи ИПА и кои се релевантните структури за имплементација на ИПА.