Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош

Инструментот за претпристапна помош е пред-пристапен инструмент за давање финансиска помош на земјите – кориснички (потенцијални кандидати и земји кандидати), кој ги поддржува во транзицијата од статус потенцијален кандидат – во земјакандидат за членство во ЕУ, односно членка на ЕУ. Инструментот претставува еден од општите инструменти кои директно ги поддржуваат политиките на европската надворешна помош.

Првиот програмски период за ИПА беше воспоставен за период од 7 години односно го дефинираше периодот од 2007-2013 година. Во 2014 година е донесена новата ИПА II за наредниот 7 годишен период 2014-2020 година.

Советот на Европската унија (ЕУ) за прв пат во 2006 година го воспостави Инструментот за претпристапна помош на земјите кандидати за членство во ЕУ и земјите потенцијални кандидати за членство во ЕУ ( Регулатива број 1085/2006).

ИПА I 2007-2013

Регулативата е донесена со цел да се подобри ефикасноста на надворешната помош на Заедницата. Со оваа регулатива беше предвидена рамка за програмирање и за испорачување на помошта на земјите кандидати за членство во ЕУ и земјите потенцијални кандидати за членство во ЕУ.

ОПСЕГ

Помошта се користи од страна на земјите-кориснички како поддршка во следниве области:

  • зајакнување на демократските институции и на владеењето на правото, вклучувајќи го и неговото спроведување
  • промовирање и заштита на човековите права и на основните слободи и зајакнато почитување на малцинските права, промоција на половата еднаквост и на недискриминацијата
  • реформи на јавната администрација, вклучувајќи го и воспоставувањето систем за индиректното управување со помошта намената за земјата-корисничка, во согласност со правилата утврдени во член 154 од финансиската регулатива (ЕЗ, Евроатом) бр. 2018/1046
  • економска реформа
  • развивање на граѓанското општество
  • социјална вклученост
  • мерки за помирување, градење на довербата и за реконструкција, и
  • регионална и прекугранична соработка.

За земјите кандидатки за членство во ЕУ помошта (во кои е Република Македонија) ќе се користи и за поддршка во следниве области:

  • донесување и спроведување на acquis communautaire (правото на Европската унија).
  • поддржување на развојот на политиките, како и на подготовките што се потребни за спроведување и за управување со заедничката земјоделска политика и со кохезионата политика на Заедницата.

ИПА II 2014-2020

На 11 март 2014 година, Европскиот парламент и Советот ја усвоија Регулативата (ЕУ) бр. 231/2014 за воспоставување инструмент за претпристапна помош („Регулативата за ИПА II“). Oвој инструмент претставува правна основа за обезбедување на финансиска помош за корисниците наведени во Анекс I кон Регулатива на ИПА II („корисници на ИПА II“), во нивните напори за донесување и спроведување на политичките, институционалните, правните, социјалните и економските реформи кои се бараат од корисниците со цел да се усогласат со вредностите на Унијата и постепено да се усогласуваат со правилата, стандардите, политиките и практиките на Унијата, со цел членство во Унијата.

Помошта од ИПА II се обезбедува врз основа на стратешки документи, утврдени за време на траењето на повеќегодишна финансиска рамка на Унијата од страна на Комисијата во партнерство со корисникот на ИПА II.

Оваа помош се реализира преку програми и мерки како што е наведено во членовите 2 и 3 од Заедничката регулатива за спроведување.

Спроведувањето, по правило, е во облик на годишни или повеќегодишни програми специфични за земјата или за повеќе земји, како и програми за прекугранична соработка воспоставени во согласност со стратешките документи и изготвени од страна на корисникот на ИПА II и/или од Комисијата, како што е соодветно, и донесени од страна на Комисијата.

Согласно регулативата, помошта за корисниците, треба да биде насочена кон поддршка на нивните напори за зајакнување на:

  • демократските институции и на владеењето на правото,
  • реформата на јавната администрација,
  • спроведување на економските реформи,
  • почитување на човековите и на малцинските права,
  • промовирање на половата еднаквост,
  • поддржување на развојот на граѓанското општество и унапредување на регионалната соработка, како и за помирување и реконструкција, и да придонесе за одржлив развој и за намалување на сиромаштијата во овие држави.

Согласно член 49 од Договорот за Европската Унија, секоја европска држава која ги почитува правата на човеково достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и човековите права, вклучувајќи ги правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата, може да аплицира да стане член на Унијата.

Европскатадржавата која аплицирала да стане членка на ЕУ, може да стане членка само во случај кога ќе се потврди дека ги исполнува критериумите за членство донесени во јуни 1993 година на Советот на Европа во Копенхаген, и под услов пристапот да не го преоптоварува капацитетот на Унијата за интегрирање на нови членки.

КОРИСНИЦИ ИПА II

Регулативата се однесува на земјите кандидатки и на потенцијалните земји кандидатки – Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Црна Гора, Србија, Турција, Македонија и Косово.

Заедницата им помага на земјите во нивното усогласување со стандардите и политиките на Европската унија преку доделување на средства од ЕУ фондовите согласно ИПА.

Специфични цели

Помошта во рамки на оваа Регулатива тежнее кон постигање на следниве специфични цели согласно потребите на секој од корисниците, како и нивната индивидуална агенда за проширување:

– поддршка за политички реформи, помеѓу останатото и преку:

  • јакнење на демократијата и нејзините институции, вклучувајќи независно и ефикасно судство, и на владеењето на правото и неговото спроведување;
  • унапредување и заштита на човековите права и фундаменталните слободи, поголемо почитување на правата на лица припадници на малцинства, вклучувајќи ги и хомосексуалните лица и лицата со бисексуална, трансродова и интерполова ориентација (ЛГБТ популацијата), унапредување на родовата еднаквост, не-дискриминација и толеранција, како и слобода на медиумите и почитување на културната различност;
  • регионална соработка и добрососедски односи;
  • унапредување на мерки за помирување, градење мир и градење доверба;
  • борба против корупција и организиран криминал;
  • јакнење на јавната администрација и доброто владеење на сите нивоа;
  • мерки за градење на капацитети за подобрување на спроведување на правото, управување со границите и спроведување политика за миграција, вклучувајќи управување со миграциските токови;
  • развој на граѓанско општество;
  • подобрување на социјалниот дијалог и јакнење на капацитетите на социјалните партнери;

– поддршка за економски, социјален и територијален развој, со цел паметен, одржлив и инклузивен раст, помеѓу останатото и преку:

  • постигање на стандардите на Унијата во економијата, вклучувајќи функционална пазарна економија, како и фискално и економско управување;
  • економски реформи потребни за соочување со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили во Унијата, истовремено придонесувајќи за постигнување на социјални и еколошки цели;
  • поттикнување на вработување и мобилност на работна сила, промоција на квалитетно создавање работни места и развој на човечки капитал;
  • поттикнување на социјално и економско вклучување,особено малцинствата и ранливите групи, вклучувајќи лица со инвалидитет, бегалци и раселени лица;
  • поттикнување на инклузивен и интегриран образовен систем и зачувување и обнова на културното наследство;
  • развој на физички капитал,вклучувајќи подобрување на инфраструктурата и поврзување со мрежите на Унијата и регионалните мрежи;
  • јакнење на истражувањето, технолошкиот развој и капацитетот за иновации;

– јакнење на можноста на корисниците на сите нивоа да ги исполнат обврските што произлегуваат од членството во Унијата преку поддршка на прогресивно усогласување со и усвојување, примена и спроведување на правото на Унијата, вклучувајќи подготовка за управување со Структурните фондови на Унијата, Кохезискиот фонд и Европскиот земјоделски фонд за рурален развој;

– јакнење на регионалната интеграција и територијална соработка вклучувајќи го корисниците на ИПА,земјите членки и каде што е соодветно, трети земји во рамки на Регулативата (ЕУ) број 232/2014 на Европскиот парламент.

ИНДИКАТОРИ

Напредокот во постигнување на специфичните цели ќе се следи и проценува врз основа на претходно дефинирани, јасни, транспарентни и, кога е соодветно, индикатори специфични за земјата и мерливи што опфаќаат, меѓу другото:

  • напредок во областите на јакнење на демократијата, владеењето на правото и независен и ефикасен правосуден систем, почитување на човековите права, вклучувајќи ги правата на лицата припадници на малцински и ранливи групи, фундаменталните слободи, родова еднаквост и права на жените, борба против корупција и организиран криминал, помирување, добрососедски односи и враќање на раселените лица, и особено, воспоставување на евиденција во тие области;
  • напредок во социо-економските и фискални реформи, решавањена структурна и макроекономска нерамнотежа; стабилност и ефективност на стратегиите за социјален и економски развој; напредок кон паметен, одржлив и инклузивен расти создавање на инклузивно и интегрирано образование, квалитетна обука и вработување, вклучувајќи и преку јавно инвестирање поддржано од ИПА II; напредок кон создавање на поволна бизнис клима;
  • напредок во усогласување на законодавствотосо правото на Унијата, вклучувајќи евиденција за имплементација на истото; напредок во реформата на институции поврзани со Унијата, вклучувајќи транзиција кон индиректно управување со помошта обезбедена во рамките на оваа Регулатива;
  • напредок воградење и јакнење на доброто владеење и на административните, институционалните и капацитетите за апсорпција на сите нивоа, вклучувајќи адекватни човечки ресурси, потребни за усвојување и спроведување на законодавството поврзано со правото на Унијата;
  • иницијативи за регионална и територијална соработка и еволуција на трговските текови.